Од Нашиот Блог
HomeBistraw Živo ZdravoСедум здрави тајни, седум живи рецепти!

Иако менијата се разликуваат меѓу оние кои јадат сирова храна и рестораните кои нудат ваква исхрана, сепак важно е да се напомене дека иако некои се строго вегани, додека други користат палео диета, општо прифатено за сите е дека храната никогаш не се загрева над 46 степени целзиусови. Исхраната е заснована на верувањето дека готвењето на храната над оваа температура не само што ги убива ензимите и бактериите кои се корисни за варењето на храната, туку исто така предизвикува голем дел од хранливата вредност да се изгуби во процесот на готвење. Можеби нема да бидете спремни да го исклучите шпоретот засекогаш, но сите може да искористите некои совети за тоа како да ја одморите рерната, како да бидете креативни во кујната и да јадете оброци кои се малку поблиски до природата.

Блендерот не е добар само за пијалаци

Во кујната на тој кој се храни вака, блендерот е оној кој го носи цел товар. Одвојте му постојан простор и тој ќе ви овозможи супер здрави верзии на широк спектар на рецепти, од супи до сосови, пудинзи и разни намази. Започнете да размислувате за вашиот блендер како за ваш најдобар пријател – голем заштедувач кога креирате хранливи, вкусни оброци.

Ќе ви дадам еден супер пример за највкусната супа, која не само што освежува, туку е и полна калиум и многу здрава во летниот период. Супа од лубеница, домат и кромид, позната како гаспачо. Едноставно фрлете ги состојките во блендерот, а потоа само исецкајте свеж магдонос, наросете полна лажица бибер и уживајте. Вечерата е готова.

Најлесниот доручек е оној што не се готви

Пронаоѓањето време да изедете здрав доручек во утринските часови може да биде тешко за многумина, особено во летните месеци кога типичните готвени рецепти како бурек и омлети се премногу тешки. Она што го знаеме ние кои јадеме жива храна, е дека некои од најлесните рецепти, кои ќе ви дадат гориво наутро, воопшто не бараат готвење, се состојат од неколку состојки и може да се направат за неколку минути. Ќе ви дадам пример за можеби наједноставниот доручек, кој е исклучително вкусен и премногу здрав.

Во блендер ставете 4 лажици лен, 6 урми, полна лажица сирово какао и една праска. Додадете вода колку да ја покриете смесата. Мелете додека да добиете мазна смеса. Уште една варијанта е вашиот појадок да го подготви претходната ноќ. Покријте го ленот со вода и оставете го да преноќи, сабајлето исецкајте ги урмите и праската и поросете со какао.

Жива храна значи НЕ за шеќерот, но не и за благо

Колачиња, торти и сладолед се прво нешто што ни текнува кога ќе се спомне десерт. Да, тоа се најпопуларните десерти кои им имаат високо ниво шеќер, калории и масти, ставајќи ги во категоријата за задоволства кои предизвикуваат вина. Но, што ако кажеме дека слаткото завршување на оброкот всушност може да биде здраво и без вина? Тоа важи за сите сирови десерти! Без преработен шеќер како опција, живата храна станува креативна со здрави состојки како смокви, урми, суво грозје, агавин нектар и стевија кои се додаваат за десертот да е благ.

Еве еден супер лесен, сериозно вкусен рецепт за десерт. Во мултипрактик ставете 12 урми, чаша ореви, половина чаша какао. Сомелете ја смесата и потоа во една здела исецкајте бадеми. Измешајте со лажица и формирајте мазна смеса со дебелина од еден сантиметар. Исечете ја на коцки и вашиот црн колач е готов.

Сосот секогаш направете го сами

Како кувар апсолутно, но уште повеќе како конзумент, за мене најважно е салатата да има сос, односно веќе прифатениот збор дресинг. Тоа значи на салатата да и дадеш карактер, оти без тоа таа е само зеленчук. Затоа употребете ја својата фантазија и користете ги сите ладно цедени масла, цитруси, зачини и зачински билки, играјте со вкусовите и прилагодете ги на себе.

Најважниот оброк нека ви е смудито

Со само еден атом различен од крвната плазма, смудито, зеленото смуди кое по дефиниција содржи 30 отсто зелено, 30 отсто овошје и 30 отсто вода, во животот на секој кој јаде сирова храна е кафе, доручек, ужинка, вечера, десерт. Смудито е тоа околу кое со врти целиот свет.

Главно е, најважно е дека чисти, буди, храни, дава енергија.

Значењето на алкалните јадења

Сите кои јадеме жива храна особено внимание посветуваме на алкалноста на храната. Што значи тоа? Нивоата на крвта се движат точно во средината на рН скалата (што ја мери киселоста), а ние цврсто веруваме дека има здравствени придобивки од зголемената алкалноста во телото, што се случува јадејќи одредени видови храна (зелен лиснат зеленчук, билки и зачини, овошје, растителни протеини) и избегнување на оние што произведуваат киселост на организмот (месо, преработена храна, шеќер, брашно). Прочистувањето на телото со жива храна, програмата која ја нудиме трае 28 дена, предизвикува баланс на пе-ха вредноста на крвта и го прави вашето тело алкално, што е предуслов за здраво тело. Во алкално тело нема болести.

Зачинот може да е здрав

Најупотребуваните два зачина на планетава се кечап и мајонез. Модерни јадења полни нездрави состојки, полни масло, шеќер, глутен… Кога јадете жива храна може да сте многу креативни. За доматниот сос и не мора да зборуваме, доволно е да се потсетиме на салцата што ја правеа нашите баби.

Кога станува збор за мајонезот, еве еден едноставен рецепт:

Се што ви треба е 100 гр сончоглед, чешне лук, на врвот од лажичката хималајска сол, сок од половина лимон и 50 мл вода. Ставете го сето ова во блендерот и почекајте додека да стане мазна смесата.

Од каде протеини

Да јадете жива храна значи да внесувате протеини, исто како и кога не би јаделе жива храна. Единствената разлика е што изборот е огромен. Кога не ги готвиме сите ореви, јатки, сите мешунки, печурките се извор на протеини. Но, клучни во секојдневната исхрана се семињата и тука пак има уште едно скалило погоре каде на врвот на пирамидата стои неговото височество ленот. Освен што е богат со протеини, содржи витамини, содржи високо ниво на естроген, ја регулира столицата, ги чисти цревата, смирува и храни. Ова едноставно, евтино зрно е основа на секое дехидрирано јадење. Без него не може да се направат лебови, крекери, мусли барови.

Ставете во блендер чаша лен, половина чаша сончоглед, 1/3 чаша семки од тиква, засилете го вкусот по чаша желба, додајте пиперка, кромид, лук, маслинки, се што ќе ви падне напамет, налејте 2 чаши вода и блендирајте додека да добиете мазна смеса која ќе ја растегнете на плех и ќе ја сушите на 46 степени доколку имате дехидратор или на 50 степени во рерна со подотворена вратичка (колку да пикните дрвена лажица) околу 12 часа.

Кога имате гости не ви треба шпоретот за да направите интересна и секако здрава и вкусна трпеза

Почнете со едноставна салата, но тогаш станете креативни. Наредете крекери, прелијте ги со мајонезот, салатата зачинете ја со сосот, наредете околу мали чашки со различни смудија, исечете тенки резанки зеленчук и ставете ги во макало од авокадо, завиткајте листови марула наполнети со месо од ореви, направете канелони од тиквичка, тортелини од краставица… или едноставно исецкајте вкусен македонски домат, зачинете го со добро ладно цедено масло, наросете македонски орев, малку црн бибер и ете ви полн погодок.

На здравје со здрава и жива храна!

Leave a reply

Your email address will not be published. Required fields are marked